Светски познатиот баритон, оперската ѕвезда од Русија Дмитри Хворостовски, денеска, спроти вечерниот настап за отворање на фестивалот „Охридско лето“, имаше едночасовна прошетка по Охридското Езеро.
Од бродот „ Свети Наум“ се воодушевуваше на секоја глетка од езерската шир и уживаше во природата.
Најголем впечаток, вели, му остави живописната црква Канео за која рече дека е најуникатното нешто што досега го видел. Во друштво на неговиот десетгодишен син Максим и диригентот Константин Орбелиан, заедно со неговите домаќини од раководството на Охридско лето, маестро Хворостовски на крај од прошетката ручаше во кафеаната Потпеш на самиот брег од Езерото.