Поранешниот претседател на шпанскиот регион Каталонија, Карлес Пучдемонт, побара од европскиот судски систем да му го врати имунитетот како европратеник, за да не биде екстрадиран во Шпанија, изјави неговиот адвокат. Барањето е испратено до Општиот суд на ЕУ, кој претходно во јули го одби неговото прво барање.
По Карлес Пуџдемон (58), кој во 2019 година беше избран за член на Европскиот парламент, е распишана европска потерница на барање на Шпанија. Тој минатата недела беше уапсен на аеродромот во Сардинија, каде требаше да учествува на каталонскиот фестивал Адифолк, по што Мадрид веднаш побара негова екстрадиција.
Ослободен беше веќе следниот ден, по што се врати во Брисел, каде што живее, но се обврза во понеделник да се врати во Сардинија за сослушувањето на барањето за екстрадиција.
-Тој ќе присуствува на сослушувањето, изјави за француските медиуми член од неговиот правен тим.
Шпанија го обвинува Пуџдемон за бунт и бара негова екстрадиција, со тврдења дека тој помогнал да се организира референдумот за независност на Каталонија во 2017 година, што шпанските судови го оценија како незаконски.
Европскиот суд на правдата во Луксембург на 30 јули ја потврди одлуката на Европскиот парламент, чиј пратеник е Карлес Пуџдемон, нему и на двајца други лидери на сепаратистичкото движење во Каталонија да им се одземе имунитетот.
Оваа одлука беше потврдена на 30 јули од страна на Општиот суд на Европската унија. На одлуката на Европскиот парламент може да се поднесе жалба, а судството на ЕУ се уште нема донесено конечна пресуда.