Министерство за здравство ги повикува сите граѓани да ги поддржат здравствените работници, волонтерите и излекуваните пациентите кои ќе трчаат на Скопскиот маратон, в недела на 3 октомври 2021 година. Учеството на Скопски маратон, е во чест на дарителите на органи и коскена срцевина и е во организација на националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Миовска и ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје, соопштуваат од МЗ.
Оттаму известуваат дека на почетокот на трката, пред салата Борис Трајковски, ќе има пункт, отворен од 08 до 12 часот, каде граѓаните ќе можат да се информираат за трансплантациите како можност за излекување и продолжување на животот директно од тимовите на експерти кои се дел од овие интервенции.
-Исто така сите, кои се во добра здравствена состојба, на возраст од 18 до 50 години ќе имаат можност да станат дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина. Дарител може да биде секој што се чувствува здрав и е подготвен да спаси нечиј живот, само со доброволно дарување на 5 милилитри периферна крв, ќе се запише во регистарот на дарители на коскена срцевина, велат од МЗ.
В недела здравствени работници, волонтери и поранешни пациенти, ќе трчаат на Скопскиот маратон, за да мотивираат поголем број донатори на коскена срцевина да се пријават во Националниот регистар за донатори.
-Целта ни е да го подигнеме нивото на свесност за значењето на трансплантација на органи и ткива од починат донатор. Да се дарува коскена срцевина, орган или ткиво значи некому да се даде можност одново да живее. Симболично, сакаме со учество во трката да ја истакнеме важноста и влијанието од трансплантацијата на органи, ткива и матични клетки врз животот на пациентите, а воедно и да им заблагодариме на сите донатори ширум светот кои со своето дарување подариле некому живот, истакнуваат од Министерството за здравство.