За време на пленарна дебата во Стразбур, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), остро ги осуди така наречените „злосторства на честа“, кои можат да имаат форма на убиства, киднапирања, тортура, осакатувања, изгореници, принудни самоубиства, принудни бракови или терапија, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во резолуцијата усвоена од ПССЕ, врз основа на извештајот на Беатриче Фреско-Ролфо (Монако, АЛДЕ), се повикуваат земјите-членки да ја ратификуваат и спроведат Истанбулската конвенција, со што станува јасно дека обичаите, традицијата, културата, религијата или „честа“ не може да го оправда насилството, при што се нагласува „дека ниту една олеснителна околност поврзана со наводната „чест“ не може да се вгради во националното право или да се толерира во контекст на пресудите“.
Со цел да се зајакне борбата против овие злосторства, ПССЕ им предложи на државите серија мерки во врска со заштитата и помошта за жртвите, како и во однос на превенцијата. Особено, се препорачува отворање телефонски линии на неколку јазици; да гарантира доволен број места во прифатни објекти со соодветно финансирање; да им понуди поддршка на лицата кои се жртви на ова насилство и кои ја напуштиле својата земја; и спроведување кампањи за превенција и подигнување на свеста,
Парламентарците ги повикаа земјите-членки да го санкционираат секој јавен дискурс што поттикнува насилство врз жените, семејното насилство и насилство врз ЛГБТИ лицата, особено во името на таканаречената „чест“ и да го осудат системот на угнетување врз основа на тоа.
ПССЕ, исто така, препорачува забрзување на собирањето податоци, поддршка на невладините организации за заштита на правата на жените и правата на ЛГБТИ лицата и усвојување на меѓусебен пристап во борбата против дискриминацијата, насилството врз жените, семејното насилство и насилството врз ЛГБТИ лицата.