Со потпишување на Кодексот за фер и демократски избори, политичките партиите денеска се обврзаа на демократски изборeн процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори.
Овој кодекс го потпишаа претставници од сите политички партии, учесници на претстојните избори.
Први го потпишаа претставниците на двете најголеми политички партии, Зоран Заев и Владо Мисајловски, а по нив Фатмир Бесими и Биљал Касами од ДУИ и БЕСА, Горан Милевски и Маја Морачанин од ЛДП и ДОМ, Зијадин Села и Афри Гаши од Алијанса на Албанците и Алтернатива. Кодексот го потпишаат и ДПА, ГРОМ, Демократската партија на Турците, Партијата за движење на Турците, Левица, Интегра, ПОДЕМ, на Бошњачки демократски сојуз, Титови леви сили и Зелен хуман град.
Претседателот на ДИК Александар Даштевски истакна дека изборите и другите политички процеси се клучни за квалитетот на управувањето и дека можат во голема мера да го унапредат долгорочниот демократски развој на земјата, како и приоритетите, регионалните и глобални надворешни политики, а најфундаменталниот принцип што ги дефинира кредибилните избори е слободното изразување на волјата на народот.
-Пристапот на изборниот циклус ги покажува изборите како континуиран интегриран процес составен од фази кои меѓусебно си влијаат и се преклопуваат едни со други, а не како серија на изолирани настани. За да се постигнат вистинските демократски избори основните човекови права и слободи е неопходно да се остварат без непотребни произволни или тешки ограничувања. Ниту еден изборен процес не е совршен. За сите се потребни постојани подобрувања, но степенот до кој процесите ги исполнуваат овие стандарди ќе зависи од нивото на нивниот кредибилитет, изјави Даштевски.
Потсети дека електоратот треба да биде слободен, избирачкото тело мора да биде соодветно информирано, а гласањето тајно. Воедно напомена дека оние кои сакаат мирно да се натпреваруваат за политичката моќ треба да имаат право слободно да се здружуваат во политички партии и да добијат пристап до гласачкото ливче без дискриминација.
Како учесници во политичките избори, на настанот што се одржа во Клубот на пратеници беа спомнати и медиумите, за кои Даштевски рече дека треба да бидат слободни, да собираат и пренесуваат информации за учесниците во изборите и прашањата од политичка важност и да ги покриваат сите учесници точно, праведно и правично.
Додека, пак, за граѓанските организации беше порачано да учествуваат во изборниот процес преку во едукацијата на другите граѓани за важноста на слободните изборите.
– Во услови на глобална пандемија целокупното живеење се одвива по модифицирани правила, а тука исклучок не се ниту изборите. Предизвикот да се прилагодиме на новите околности важи за сите ДИК и останата државна администрација, учесниците во изборите,медиумите, набљудувачите, граѓаните. Со тоа нашата одговорност не се намалува. Напротив, имаме можност поодговорно да пристапиме и кон користењето на правата и кон спроведување на обврските за да можеме на крај да си честитаме за успешно завршени избори кои биле демократски, кредибилни и слободни, фер и со интегритет, објасни претседателот на ДИК.
Чинот на потпишување беше во организација на НДИ од каде истакнаа дека овој кодекс, е од особена важност при борбата за родова еднаквост и против насилството врз жените во политиката.
-Овој кодекс е од особено значење за родовата еднаквост во политиката, бидејќи е доказ за борбата против насилството врз жените во политиката, и ние сме особено горди на тоа. По овој потег останува на политичките партии да се изборат против говорот на омраза и дискриминација врз жените во политиката, рече Роберт Скот Хејзлет од НДИ.
Со денешниот чин, учесниците на локалните избори преземаат одговорност дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат Кодексот за фер и демократски избори, дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеењето и ќе придонесуваат за демократски развој на општеството. Исто така, се обврзаа дека со своите активности ќе придонесат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Северна Македонија.