Во Центарот на Скопје, на фасадите на зградите на улица „Рузвелтова“ 44a – 46а, 130, црно- бели портрети на уметници, културни работници и креатори на културна политика или поддржувачи на културна сцена, ќе го свртат вниманието на општата јавност кон културата и уметноста.
Станува збор за локална активност на глобалната платформа „Inside Out“ насловена „Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“, која има за цел да испрати порака дека уметноста може да е двигател за промени, да ги постави вистинските прашања, да отвори нови можности, да го разбуди општеството и да влијае на колективната свест.
„Нека светлината од уметникот се одрази врз целата заедница“ во Скопје ја иницираат Весела Моловска и Марија Коробар, кои нашите 130 личности, ги приклучуваат на веќе портретираните 400 000 лица од 138 земји низ светот каде глобалната платформа „Inside Out“, на францускиот уметник ЏР (JR) веќе им помага на поединците и заедниците да изразат став во општеството, преку групна акција, со прикажување црно-бели портрети од големи размери на јавни површини, видливи за јавноста.
Скопската „Inside Out“ започнува денеска и ќе трае следните два месеци. Како дел од проектот е создавање на документарен филм со кој покренатите прашања ќе имаат поголема трајност.