Девојка од Флорида која била киднапирана во 2007 година кога имала само шест години, повторно се најде со својата мајка, пишува „Фокс њуз“.
Случајот со исчезнувањето на малата Жаклин Хернандез, која сега има 19 години, се случил на почетокот на септември, кога нејзината мајка Анџелика Салгадо била контактирана од жена преку социјалните мрежи, тврдејќи дека таа е нејзината ќерка, соопшти полицијата на Клермонт.
Девојката ѝ кажала на Анџелика дека е во Мексико и дека сака да се сретне со неа на 10 септември. Тој ден безбедносните служби – официјалните лица од Министерството за внатрешни работи и царината ја „пресретнале“ Анџелика и девојката која што тврдела дека е нејзина ќерка, на американско-мексиканската граница.
Полицијата соопштила дека врз основа на документацијата доставена од Анџелика и до полицијата, било утврдено дека девојката навистина е Жаклин, киднапирана во 2007 година.
„Мајката и ќерката успешно се соединија“, известија од полицијата, објавувајќи фотографија од мајката и ќерката, како се гушкаат.
Од полицијата истакнаа дека ова е пример кој може да се користи со цел да се здружат безбедносните агенции и луѓето и да ги држат линиите за комуникација отворени. Во овој случај соработувале повеќе агенции од различни држави со цел да ги соединат мајката и ќерката.
Властите на Флорида соопштија дека малата Жаклин била киднапирана од нејзиниот татко Пабло во декември 2007 година. Издаден бил налог за негово апсење, а истражителите тогаш соопштија дека можеби ја однел во Мексико.
Не е познато каде сега се наоѓа нејзиниот татко Пабло.