Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 42. Издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Како покровител на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека благодарение на фестивалот, Битола и Република Македонија се присутни на светските филмски мапи и се посакувана дестинација за кинематограферите и останатите филмски работници од сите светски меридијани.
„Минатата година, ги немаше филмските проекции, полната кино сала и возбудата што ја носи фестивалот, кој е своевиден празник за градот Битола како град домаќин, но и за целата наша држава. Недостасуваше гостите да прошетаат низ Широк сокак и да ги откриваат тајните на градот на конзулите кој во своите филмови го овековечија првите сниматели на Балканот, Јанаки и Милтон Манаки.
Годинава и покрај тоа што како и целиот свет сѐ уште се бориме со пандемијата, имаме фестивал во целосен формат, за што најискрено им честитам на организаторите, на сите поддржувачи и фанови на фестивалот и секако на драгите гости кои дојдоа во Битола.
42 –то издание на „Браќа Манаки“ треба да покаже дека фестивалот е жив, витален и опстојува покрај сѐ, како што мораме и во секој друг сегмент од животот да продолжиме понатаму со оптимизам и надеж и покрај сите тешкотии и проблеми кои не притискаат секојдневно“, рече Пендаровски.