Коста Хаџи Антоновски (79) основачот на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ и идејниот творец на светски познатата ликовна манифестација „Мал битолски Монмартр“ и денеска ги отвори вратите на Националната галерија сместена во срцето на Старата битолска чаршија.
Кепенците се раширени од изгрејсонце и така е се до зајдисонце. Не се троши струја и не се штеди на кафе и локум, а ладна вода има од каршија од шадрванот кој постојано блика, а го направивме ние на 20 роденден на колонијата, вели Коста кој со своите соработници деновиве поставија отворена изложба со најдобрите дела од годинешниот „Мал битолски Монмартр“.
– Секогаш во овој дел од годината, во летниот период приредуваме отворена изложба со најдобрите дела на „Мал битолски Монмартр“ создадени на последното издание. Ликовните творби се изложени за да ги видат бројните туристи што доаѓаат во битолската чаршија, но и нашите повратници од дијаспората кои сакаат да се запознаат со големото богатство со кое располага студиото. Отворената изложба е премногу посетена, вистински метеж од македонци и странци кои доаѓаат во Националната Галерија не ретко споредувајќи ја со музеите Ермитаж во Санкт Петербург или Прадо во Мадрид. Со изложбата ја заживуваме и чаршијата, а сликите може да се купат но со еден важен услов средствата да бидат уплатени преку жиро сметка со нагласок дека станува збор за донација, хуманитарна помош или помош за некое дете бидејќи ние не вршиме комерцијална продажба на делата во студиото, посочи Хаџи Антоновски.
Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола од денот кога е формирано во далечната 1981 година досега донирало над 1.500 слики кои се изложени во болници, хуманитарни организации, заштитни центри и други установи за деца со што ја потврдува својата хумана мисија во градот и државата. Во архивата на студиото регистрирани се повеќе од 500.000 творби изработени од децата кои од цел свет доаѓаат на ликовната колонија „Мал битолски Монмартр“.
– За нас е посебно значајно што нашата ликовна манифестација како своја ја прифаќаат и други центри во светот. Во Хонг Конг е на самиот почеток, но во португалскиот град Евора се одржува 14 години и затоа на 12 октомври ќе престојуваме во Евора. Таму не‘ очекуваат со нетрпение, секогаш сме со задоволство пречекани бидејќи ние сме пионери основачи на тој фестивал во Португалија. На тој настан ќе му претходи нашето гостување во Хонг Конг каде јас сум еден од 11. членови на меѓународното жири на тамошниот ликовен фестивал, појасни Хаџи Антоновски
Тимот од Битола има и три млади ликовни творци, членови на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ кои деновиве интензивно подготвуваат специјална колекција за фестивалот што ќе се одржи од 25 август до 1 септември. Во Хонг Конг ќе бидат понудени репрезентативна колекција слики кои ги изработуваат Петрина Размовска, Елиза Хенту и Александра Бошевска предводени од Николче Савевски, апсолвент на Академијата за ликовни уметности во Скопје, вели Хаџи Антоновски.
Ликовниот педагог Коста Хаџи Антоновски длабоко навлегува во осмата деценија од животот, дипломирал на факултетот за применета уметност во класата на најпознатите македонски ликовни уметници Борко Лазески и Лазар Личеноски, и знае дека успешната приказна за „Мал битолски Монмартр“ може да продолжи само со силен кадар и затоа го подготвува својот наследник, или како што вели вистински заменик.
– Од студиото во Битола произлегле 26 академски сликари кои денес имаат успешна кариера. Еден од нив е Николче Савевски кој во студиото доаѓа од мало дете. Сакам талентот на Николче Савевски да продолжи тука, во детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“. Тој е секојдневно тука, работи со децата, пренесува од своето знаење и убеден сум дека ќе биде мојот вистински заменик што ќе се движи по мојот пат. Ќе му помогнам целосно како ментор и како учител да едуцира нови генерации млади ликовни уметници од најмала возраст. Николче Савевски го подготвувам за наследник затоа што покажа дека сака да работи со децата, тој е високообразован и многу талентирано момче, нагласи Хаџи Антоновски.
Од неодамна Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ има нова веб-страница на македонски и англиски јазик. Контактите со ликовните педагози од светот се врши секојдневно на веб-страницата, каде ќе биде поместен конкурсот за „Мал битолски Монмартр 2014“, како и имињата на наградените членови од фестивалите во Чешка, Полска, Франција, Јапонија, Португалија и други места каде годинава се очекуваат околу 30 меѓународни награди и признанија.
Новата веб-страница се отвора со песната „Ако одам во Битола“ на Петар Ѓоргиев-Калица во изведба на Тоше Проевски, миленикот на младите ликовни амбасадори.
– Тоше е во нашите мисли и срца и затоа секоја година караванот на „Мал битолски Монмартр“ престојува во Крушево. Нашата манифестација е прифатена од децата во целиот свет, од Кина, Австралија, Јужна и Северна Америка, Индија, Русија и другите европски држави и сите сакаат кога се во Македонија за момент да бидат и во Крушево, подвлекува тој.
Светската ликовна работилница посветена на старата македонска архитектура се реализира и во Охрид, а догодина еден ден ќе престојува и во демирхисарското село Бабино каде се наоѓа приватна библиотека на Стево Степановски со книги кои датираат од 1882 година, потврди Хаџи Антоновски.
„Мал битолски Монмарт“ е магична појава која продолжува да го задржува вниманието на светската културна јавност и затоа Националната Галерија во старата битолска чаршија секогаш е полна со деца, родители, посетители, домашни и странски гости кои љубопитно гледаат на детското творештво, на бројните награди и признанија, Гинисовиот рекорд, фотографии од олимпијадите во Сиднеј, Атина и Пекинг, сувенири и подароци од сите страни на светот кои Коста Хаџи Антоновски грижливо ги чува во детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ во Битола.