ВИДЕО: Министерот Венко Филипче поднесе оставка по пожарот во тетовската модуларна болница

Од:

Министерот за здравство Венко Филипче поднесе оставка од функцијата, по пожарот што во средата се случи во тетовската модуларна болница, кога 14 луѓе ги загубија животите. Двајца од нив, биле придружба на болните во ковид-центарот.

Филипче оставката ја понудил до премиерот Зоран Заев.

„Пред година и пол го регистриравме првиот ковид случај во нашата земја, паметам дека тогаш имавме 2 прес-конференции од оваа иста говорница. Од тој ден пред граѓаните стоев отворено и транспарентно, соопштувајќи ги сите добри и лоши вести. Јас никогаш не бегав од критика, не останав должен одговор и не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки што ги донесовме беа да се заштити здравјето на граѓаните. Трагедијата во Тетово многу ме погоди, жалам за загинатите, сочувствувам со нивните семејства, нема зборови што можат тоа да го опишат и нема начин да се надомести загубата. Како лекар и човек имам интегритет и понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, рече Филипче, изразувајќи благодарност до сите кои верувале во него и неговите задачи, а посебно се заблагодари до медиумите за нивната транспарентност, посветеност и поддршката во борбата со пандемијата.

Вчера, на прес-конференција Филипче изјави дека е подготвен да сноси одговорност, но дека прво ќе го чека исходот од истрагата за пожарот.

Неврохирургот Венко Филипче беше назначен за министер за здравство во декември 2017 година. Тој го наследи Арбен Таравари, кој на локалните избори истата година беше избран за градоначалник на Гостивар.

Се очекува одлуката на премиерот Заев, дали ќе ја прифати оставката на Филипче.

Премиерот се уште се нема огласено во јавноста по пожарот во тетовската модуларна болница.

Би можело да ве интересира

СДСМ ќе го поддржи опозицискиот кандидат Валбон за градоначалник на Гостивар

ВИДЕО: Техничката влада не смее да падне, „средба со криминалци нема да има“, вели Филипче

(ВИДЕО) Филипче за Божиќ: Да градиме праведно и слободно општество, младите тука да ја гледаат иднината

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да каже од каде 500.000 долари за инвестиции и златна виза во Дубаи

А1он

Деспотовски: Венко, нема да ти дозволам да избришеш 30 години работа

Манасиевски: Филипче да ги покаже документите за работа со кои ја добил златната виза за Дубаи