Министрите за одбрана на Србија и Босна и Херцеговина, Небојша Стефановиќ и Сифет Поџиќ, денеска соопштија дека вооружените сили на двете земји во октомври ќе одржат заедничка вежба на планината Мањача во БиХ.
Како што информираат од Министерството за одбрана, за време на состанокот во Белград, тие оцениле дека билатералната соработка во областа на одбраната бележи позитивен тренд и дека е важна за подобрување на целокупната регионална соработка.
– Овој вид на соработка мора да постои во регионот, бидејќи само на тој начин можеме да гарантираме стабилност. Дури и кога понекогаш не се согласуваме за некои теми и кога не сме секогаш согласни, треба да размислуваме за иднината, рече Стефановиќ.
Министерот за одбрана на БиХ оцени дека има „некои работи од поновата историја за кои никогаш нема да можеме да имаме заеднички став“, но додаде дека „овие пасуси треба да се остават на историчарите и на некои други институции да разговараат за тоа“.
– Дефинитивно имаме многу побитни работи, како глобални закани со кои треба да се бориме заедно во овој регион. Сите ние сме дефинитивно подготвени да се свртиме кон борбата со многу посериозни предизвици, кои не знаат граници, боја на кожа или имиња или презимиња, и овие работите полека ги забораваме и го напуштаме минатото, изјави Поџиќ.
Заедничката вежба на Вооружените сили на БиХ и Војската на Србија ќе биде прва по војните во 1990 -тите.