ОБСЕ/ОДИХР денеска ја започна својата набљудувачка мисија за локалните избори закажани на 17 октомври, во специфични услови поради пандемијата со Ковид -19. Првпат на овие избори ќе се примени вчитување на отпечатоци од прсти, за што како што информираа од Мисијата за МИА, тие веќе прегледале неколку од овие терминали на средба во Државната изборната комисија.
Шефот на мисијата, Тана де Зулуета на прес-конференција иформираше дека Мисијата се состои од основен тим од 13 стручни лица со седиште во Скопје и 20 долгорочни набљудувачи, кои ќе бидат распоредени во земјата од 15 септември. ОДИХР планира и да побара од земјите-учеснички на ОБСЕ да пратат 250 краткорочни набљудувачи, кои би пристигнале неколку дена пред денот на изборите.
Де Зулуета на прес-конференцијата информираше дека тие денеска веќе имале средба во Министерството за надворешни работи, како и во Државната изборна комисија.
-Ќе бидеме тука на покана на вашите власти, да ги набљудуваме изборите, да видиме дали се придружувате на стандардите на ОБСЕ, но исто така и до вашите закони и Изборниот законик, рече де Зулуета.
Првпат на овие избори во земјата ќе се применат терминали и систем за вчитување на отпечатоци од прсти. На прашање на МИА за тоа дали Мисијата има искуство во набљудување на вакви избори, тие посочија дека мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има аналитичар за регистрација на гласачите и дека нивни претставници во ДИК веќе прегледале неколку од овие машини, но и дека ќе испитаат како тие се импементирани во други држави членки на ОБСЕ.
-Мисијата има аналитичар за регистрација на гласачите. Мисијата веќе се сретна со Државата изборна комисија и прегледа неколку од машините. Има и други ОБСЕ држави што користат слични машини и нашата мисија ќе испита како тие се имплементирани на овие избори во овој специфичен контекст, се наведува во одговорот од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за МИА.
Со мисијата ќе се процени дали изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и националното законодавство. Набљудувачите одблизу ќе ги испитаат клучните елементи на изборите, како што е регистрацијата на гласачите, регистрацијата на кандидатите, активностите во кампањата и нивното финансирање, работата на изборната администрација и релевантните владини органи, законодавството поврзано со изборите и неговото спроведување, како и решавање на споровите поврзани со изборите. Со мисијата ќе се следи и начинот на кој медиумите ја покриваат кампањата.
Се планираат и состаноци со претставниците на власта, политичките партии, граѓанското општество, медиумите и меѓународната заедница.
Шефот на мисијата де Зулуета истакна дека имајќи го предвид големиот проблем со кој се соочува земјата, а тоа пандемијата со Ковид-19, тие ќе се придржуваат до сите мерки за превенирање на ширење на болеста што се спроведуваат во земјата.
-Ова ќе биде многу важна компонента на мониторирањето и во поглед на краткорочното и во поглед на долгорочното набљудување, рече таа.
Во текот на набљудувањето ќе биде објавен периодичен извештај за да се ажурираат јавноста и медиумите. ОДИХР ќе ги претстави прелиминарните наоди и заклучоци на прес конференција денот по изборите, а ќе го објави конечниот извештај за набљудувањето, заедно со потенцијалните препораки, приближно два месеци по крајот на изборниот процес.