Претседателот Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ денеска го посети Делчево.
За време на посетата, претседателот Пендаровски присуствуваше на промоцијата на книгата „Мојот влог за Македонија“ 2 тома, од проф. д-р Трајан Гоцевски, настан организиран во рамки на одбележувањето на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Делчево и 8 Септември, Денот на независноста на македонската држава.
Во рамки на чествувањето, на претседателот Пендаровски му беше врачено признание од општина Делчево за посебен придонес во борбата со огнената стихија во Пијанец и за развојот на Македонија.
„Во Делчево, претседателот Пендаровски го посети претпријатието АД „Фротирка Компани“, каде беше запознаен со производствените активности на компанијата, шест-децениската традиција во нивната работа, како и плановите за натамошна модернизација на производството. Според претседателот Пендаровски, радува фактот што компанијата, која е со 100% македонски капитал, 90% од своето производство го извезува на странските пазари.
Во Градскиот парк на Делчево претседателот Пендаровски се сретна со најдобрите ученици од СОУ „Методи Митевски-Брицо” – најдобрите матуранти од училиштето и со првенци на генерацијата од основните училишта во општината, кои во неформален разговор ги претставија своите планови за натамошното образование. Претседателот Пендаровски им посака успех во идните ангажмани“, информираат од претседателскиот Кабинет.