Петнаесетгодишното девојче кое почина на Инфективната клиника е единствен смртен случај на малолетник од Ковид – 19 во земјава. Од Министерството за здравство посочуваат дека девојчето не било вакцинирано.
Во статистиката на починати кај нас не влегува деветмесечното бебе кое беше заразено со Ковид – 19 и од Детската клиника беше префрлено на лекување во странство каде што почина.
„Во мај лани на клиника во Швајцарија почина деветмесечно бебе со Ковид, кое од Детска клиника во Скопје, на барање на родителите, беше префрлено на лекување во странство“, објаснуваат од Министерството за здравство.
Од почетокот на пандемијата до 29 август, кај нас се регистрирани вкупно 12.385 деца до 19 години заболени од Ковид – 19. Од нив, согласно анализите на Институтот за јавно здравје, 3360 деца се на возраст од 0 до 9 години, а 9025 случаи се на возраст од 10 до 19 години.
Во моментов во Институтот за белодробни заболувања кај деца во Козле на лекување се 22 деца заразени со Ковид – 19.
„Состојбата на децата е стабилна. Десетмина пациенти на возраст над 15 години се повремено на кислородна поддршка, но ниту едно од хоспитализираните деца не е во исклучително тешка состојба“, велат од Министерството за здравство.
Меѓу децата кои се на лекување во Козле нема вакцинирани. Според податоците од Министерството за здравство, интересот за вакцинација на деца над 12 години е мал.
„Заклучно со вчера, со прва доза вакцина, се вакцинирани 3825 деца до 18 години, а 1435 со две дози вакцина“, велат од Министерството за здравство.
Родителите и старателите на деца над 12 години, од средината на јули добија можност да ги пријават децата за вакцина за заштита од Ковид – 19, откако Европската агенција за лекови (ЕМА) ги одобри вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ за вакцинирање деца од 12 и повеќе години.