Полската Влада побара од претседателот Анджеј Дуда да воведе вонредна состојба во делови од двата региона долж границата со Белорусија.
Според премиерот Матеуш Моравјецки, вонредната состојба ќе трае 30 дена, бидејќи земјата се соочува со зголемување на бројот на илегални гранични преминувања.
Во неделата, Полска уапси 13 активисти кои се обидоа да исечат ограда кон Белорусија направена од бодликава жица, поставена со цел да ги спречи мигрантите да ја преминат границата.
Активистите кои ја уништија оградата, 12 Полјаци и еден холандски државјанин, рекоа дека тоа го направиле во знак на протест против полските власти, за кои велат дека се „нехумани“ за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до земјите од Европската унија.
Голем број мигранти се обидуваат да влезат во Полска и Литванија од Белорусија, а Владата во Варшава го обвинува претседателот на Белорусија Александар Лукашенко дека им испратил мигранти од Ирак и Авганистан во „хибридна војна“ со цел создавање нестабилност во ЕУ, поради што Полска почна да гради бодликава жица на границата со Белорусија.