УНХЦР: Шеесет години унапредување и заштита на правото на државјанство

Од:

Да се гарантира правото на државјанство и да се искорени бездржавјанството е достижна цел, сега поважна од кога било, соопшти денеска Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), додека меѓународната заедница ја одбележува 60-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата на ОН за намалување на бездржавјанството од 1961 година.

– Новите глобални предизвици, какви што се Ковид-19 и ефектот на климатските промени, надополнети од упорните предизвици како што е растот на присилните раселувања, покажуваат колку е клучно правото на државјанство. Да имаш државјанство – и заштитата од страна на државата која тоа ја обезбедува – може да значи живот, што станува уште поточно во време на криза, без оглед на тоа дали се работи за вакцинација, евакуација или имање на потребната сигурносна мрежа во општеството, изјави Филипо Гранди, Високиот комесар на ОН за бегалци.

Лицата без државјанство можат да бидат заборавени во состојби на конфликт и раселување, или затоа што им недостасува заштита од која било влада, или бидејќи немаат доказ за нивниот законски идентитет, или обете. Тие истовремено се во ризик да не добијат пристап до вакцини против Ковид-19 кога земјите ги спроведуваат плановите за справување со пандемијата. Исто така, мала е веројатноста дека заедниците без државјанство би биле вклучени во социоекономските пакети за олеснување, наменети да го намалат ударот на пандемијата врз заработувачката на луѓето.

Понатаму, како што се влошуваат климатските промени, лицата без државјанство се под ризик да бидат изоставени од напорите на владите за олеснување на влијанијата на екстремните временски услови. УНХЦР наведува дека „да се биде без државјанство значи да немаш пристап до образование, медицинска грижа или законски работен однос“.

Бездржавјанството може да го попречи правото на движење, можноста за купување имот, за гласање, отворање сметка во банка, па дури и стапување во брак. Глобално, за 4,2 милиони лица се знае дека се без државјанство. Но, вистинската бројка на лица кои не се водат како граѓани во ниту една земја е најверојатно многу повисока, со оглед на пропустите во собирањето податоци.

Конвенцијата од 1961 година е клучниот меѓународен договор создаден за да го спречи и намали бездржавјанството. Доколку се почитува од страна на сите земји, би помогнало ниту едно дете да не се роди без државјанство – а со тек на време, да се постигне и крајната цел – да се искорени бездржавјанството. На крајот на август 2021 година, 77 земји се приклучиле кон Конвенцијата од 1961 година, со зголемен број на приклучувања во последната деценија. Од 2010 година, 40 земји формално се обврзале да го намалат бездржавјанството, во поскоро време Исланд и Того. Истовремено, на повеќе од 800.000 лица без државјанство им се утврдило државјанството и статусот.

– На оваа јубилејна годишнина, УНХЦР ги повикува сите земји кои сè уште не го сториле тоа да пристапат кон Конвенцијата од 1961 година за намалување на бездржавјанството, да ги земат предвид заштитите кои ги нуди Конвенцијата во законите за државјанство и со тоа, да го загарантираат правото на државјанство на секој човек, додаде Гранди.

Пристапувањето кон Конвенцијата од 1961 година е еден од 10-те чекори на Глобалниот акциски план за искоренување на бездржавјанството. Планот им дава рамка на земјите да ги постигнат целите на кампањата „Јас припаѓам“ (#IBelong), која УНХЦР и партнерите ја започнаа во 2014 година за да стават крај на бездржавјанството за 10 години.

Би можело да ве интересира

УНХЦР: Над осум милиони лица ја напуштија Украина од почетокот на конфликтот

УНХЦР: Повеќе од седум милиони бегалци ја напуштија Украина

А1он

Медитеранските земји очекуваат повеќе од 150.000 мигранти

Ана Ололовска

УНХЦР: Во светот има над 100 милиони присилно раселени лица

УНХЦР: Во 2021 година над 3.000 мигранти загинале обидувајќи се да стигнат во Европа

А1он

УНХЦР: Над 3,5 милиони лица избегаа од војната во Украина

А1он