Момчето од Ресен, кое утрово, на 24-годишна возраст, починало како последица на Ковид-19 првично на свое барање ја напуштило битолската болница, а утредента, откако му се влошила состојбата повторно било донесено во болница, но залудни биле напорите на лекарите да го спасат неговиот живот, соопштуваат од Министерството за здравство.
Според информациите што се споделуваат, на момчето вчера му било роденден, а месецов правело свадба во хотел.
Тој на 24 август бил примен во Инфективното одделение на битолската болница со ниска сатурација и отежнато дишење, биле направени сите потребни лекарски проверки и бил ставен на кислородна поддршка.
„Откако ја примил терапијата, пациентот одбива да остане на болничко лекување, иако запознаен со сериозноста на состојбата и потребата од доиследување, пациентот бара да биде пуштен на домашно лекување. По потпишана изјава дека си оди на сопствена одговорност, пациентот е испишан со препишана терапија која треба да ја прима во модуларната болница во Ресен“, велат од Министерството за здравство.
Завчера тој бил донесен од Општата болница во Охрид за хоспитализација во Клиничката болница во Битола.
„Веднаш е хоспитализиран во тешка општа состојба со ниска сатурација, поставен на двојна кислородна поддршка, интензивна терапија, но и покрај тоа постојано му се влошува состојбата и паѓа сатурацијата. На 27 август утрото, и покрај обидите на лекарите да го спасат, пациентот починал“, велат од Министерството.