Австрискиот канцелар Себастијан Курц не сака неговата земја веќе да им дава заштита на бегалците од Авганистан и покрај тоа што земјата ја презедоа талибанците, јави ДПА.
-Не сум за тоа дека треба да примиме уште луѓе во Австрија, туку токму спротивното, рече Курц во интервју за телевизискиот канал ПУЛС 4, што ќе се емитува подоцна денеска.
Со веќе примени повеќе од 40.000 Авганистанци, Австрија е дом на втората по големина авганистанска заедница во ЕУ во однос на сопственото население.
Австрискиот канцелар постојано го отфрла приемот на уште Авганистанци. „Нема да има такво нешто под моето канцеларство“, рече Курц.
Тој, исто така, се осврна и на „особено тешката интеграција“ на оваа популациска група. „Прифаќањето луѓе кои не можат да се интегрираат е огромен проблем за нас како земја“, рече Курц.
Тој вели дека не може да се негира дека талибанците се сурови и дека условите за живот во Авганистан се ужасни, па затоа се заложи меѓународната заедница да стори се за да ја подобри ситуацијата во оваа земја зафатена со сериозна криза, додаде ДПА.
Но, и Австрија мора да признае дека многу работи се во туѓи раце. „Не е се во наша моќ“, каќа Курц.
Курц го повтори предлогот луѓето од Авганистан да добијат помош во соседните земји. Тој посебно ги издвои Туркменистан и Узбекистан, а ЕУ треба да ги поддржи земјите од регионот во овој поглед.