Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен повика на меѓународно решение за бегалците пред самитот на Г7 за Авганистан.
– Важно е сите држави вклучени во мисијата во Авганистан да обезбедат доволни квоти за бегалците и нивно безбедно минување, за да можеме да им помогнеме на оние на кои им е потребна заштита, изјави денеска Фон дер Лејен за агенцијата ДПА.
Говорејќи за медиумите првпат откако талибанците ја презедоа власта по повлекувањето на силите на САД и НАТО од Авганистан, германската политичарка истакна дека е неопходно да се спречи луѓето да паднат во рацете на криумчарите.
– Тоа ги става Авганистанците кои сакаат да побегнат од конфликтот во еднаква опасност, нагласи претседателката на ЕК.
Лидерите на земјите од Г7 – Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД – планираат следната недела да одржат видео конференција за ситуацијата во Авганистан. По правило, на овие состаноци учествуваат и претставници на раководството на ЕУ.
Унијата очекува зголемување на бројот на оние кои сакаат да го напуштат Авганистан. Многумина се плашат од враќање на теророт од 90-те години на минатиот век, кога талибанците ја имаа власта последен пат.
– Целата работа е трагедија за авганистанскиот народ и неуспех за меѓународната заедница, заклучи Фон дер Лајен.