Полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Teтово во јули годинава изрекле вкупно 699 мерки за пребрзо возење.
Најголемиот број од овие мерки се однесувале на пречекорувања на максимално дозволената брзина на тетовскиот дел од автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и на влезот и излезот од Тетово, евидентирале во тетовската полиција.
– Со несмалено темпо и динамика контролите на брзината секојдневно продолжуваат и овој месец, пред сѐ на автопатот, а и низ градските улици, не само во текот на денот, туку и во ноќните часови. Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот. Зашто, во спротивно ќе се соочат со соодветни поднесоци и со парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок се двиужат од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од тоа за колку километри на час ја пречекориле брзината. Ова, дотолку повеќе што и минатиот месец (јули) најчеста причина за случените сообраќајни несреќи на тетовските патишта и улици е неприлагодена брзина, односно дури една четвртина од јулските несреќи биле последица на пребрзо возење, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш потсетува, исто така, да не се седнува зад волан без положен возачки испит, особено не малолетници, бидејќи најригорозно се санкционира секој таков прекршок, а кој ја доведува во прашање нивната и вкупната безбедност во сообраќајот.