Рускиот претседател Владимир Путин и италијанскиот премиер Марио Драги денеска се согласија дека најважно е да се спречи хуманитарна катастрофа во Авганистан и да се заштитат неговите жители.
– Фокус на денешниот телефонски разговор меѓу претседателот Путин и италијанскиот премиер Драги беше ставен на ситуацијата во Авганистан. Страните ја истакнаа важноста од спречување на хуманитарна катастрофа и потребата од продолжување на борбата против ширењето терористички идеи и закани од трговијата со дрога, кои доаѓаат од Авганистан, се наведува во соопштението од Кремљ.
Путин и Драги, исто така, повикаа на зајакнување на меѓународните напори, особено во рамки на Г20, со која претседава Италија, за да се помогне во воспоставување мир и стабилност во Авганистан.
Двајцата лидери изразија интерес за натамошно развивање на заемно корисни односи меѓу двете земји во различни области.
Талибанските бунтовници ја презедоа власта во Авганистан, на 15 август го освоија Кабул во рок од неколку часа, а претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата, додека повеќето држави моментно ги евакуираат своите граѓани, дипломати и соработници.