Демонстрантите на протестот пред Собранието против вакцинацијата и новите мерки, докторите ги карактеризираа како убијци, а пак, новинарите за нив се платеници. За нив, вакцините се експериментална инјекција. Повикаа на организација на платформа, односно да се формира здружение кое ќе покрене судски постапки, а да се продолжи и со протести.
„Дали некој им кажува дека докторот не е виновен? Дали знаеме дека докторите мораат да следат протокол за лечење за ковид? За да бидат изземени од одговорност! Затоа сите се лечат исто! Дали има благи симптоми, дали има посилни симптоми, дали има бронхопневмонија, протоколот е ковид. Како го откриваме ковид? Преку тестови кои не служат за дијагноза? Тестот исто има авторизација за итна употреба, дозволата истекува на 31.12 оваа година. Центарот за контрола и превенција на болести во САД веќе повика новите добавувачи на итните тестови да се потрудат да измислат тестови кои ќе прават разлика помеѓу грипот и ковидот. Дали се разбираме што тоа значи?“, рече присутната која не се претстави.
„Каде се докторите?“, праша присутна по што другите извикуваа: „Тие не се доктори, Убијци, убијци. Уа!“.
Исвиркани беа и новинарите: „Платеници, платеници, платени новинари“.
„Драги медиуми, каде сте? Драги медиуми, ако ние како родители, како здружение за заштита на човекови права, успеавме за овие две години да ги најдеме сите докази за оваа така наречена пандемија, како не успеавте вие? Медиуми, почнете веднаш да истражувате. Видете ги коментарите, народот се разбуди“, рече таа.
Тие најавија продолжување на протестот за утре во 19 часот.