Полицијата го заврши увидот во Старо Нагоричане, но не најде опожарено тело на жена, каки што пријави мажот со кого таа живеела. Од МВР велат дека нема ниту остатоци. Затоа, распишана е потрага по неа. Во Македонија се дојдени и нејзини роднини, кои биле информирани од мажот со кој таа живеела, дека изгорела во пожар.
“Министерството за внатрешни работи согласно законските прописи постапува по насока на Јавен обвинител, па во координација со Јавен обвинител од ОЈО Куманово, полициски службеници извршија детален увид на местото на опожарената куќа во Старо Нагоричане. Откако не се пронајдени остатоци кои укажуваат на опожарено лице, распишана е потрага по лицето, по која веќе се постапува од страна на Отсекот за потраги”, велат од МВР.
Дека жената изгорела во пожар, беше пријавено пред два дена. Куќата во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, во која се тврдеше дека останала е целосно опожарена.
Тврдењето на мажот со кого живеела жената е дека тој излегол да го спаси тракторот од пожарот. Жената била излезена со него, но откако го видела пожарот се исплашила и повторно влегла во куќата. Тој тврдеше дека немало време за да ја спаси.
Пожарот кој избил на локацијата зафатил ниска сува трева и брзо се рашилил. Никој не приметил дека нешто гори, дури ни соседите.