Постои надеж еден авион за гаснење пожар би профункционирал веќе од септември, откако ќе му биде направен сервис од фирмата која според Дирекцијата за заштита и спасување постојано ги зголемува цените за одржување. Но директорот Беким Максути смета дека Македонија во делот на справување со пожарите има системска слабост, потенцирајќи треба да се сработи многу. Прашан дали се обновува противпожарниот возен парк, Максути наброја неколку донации кои Македонија ги добила изминатава година. Дополнителен проблем е и координираноста во вакви ситуации.
„За жал, во овој дел треба да се сработи многу. Можам да кажам дека секоја година се набавува нешто од нешто од опрема. Моментално ние имаме и различни плаќања во однос на пожарникарите во различни градови. Ако на сето ова го додадеме и делот дека пожарникарите се незадоволни, имаше и штрајк, имаше и се друго, кои се добро платени, а некои не. Во Охрид и Скопје се најдобро платени, додека помалите општини каде има помали блок дотациите се помали, таму и платите се помали. Врз основа на ова се движат од 20 до 30 и нешто илјади денари за пожарникари. Оваа година се работеше и на нов закон за пожарникарство, во кој се предвидува дека дирекцијата треба да го има последниот збор и главната улога. Се надеваме и во преговори сме со институциите, за ова прашњае да го решиме еднаш засекогаш. И да се знае, дали целосно противпожарните служби ќе бидат под општините или на некој начин би се централизирале, дали тоа ќе е нова институција, ќе влезат под Дирекцијата за заштита и спасување, а со цел полесно ангажирање на истите каде што има најмногу потреба“, вели Максути за „А1он“.
Прашан дали затаи делувањето на некоја од институциите, општината, државата, дирекциите, дозволувајќи пожарот во Кочани да се прошири до куќите, Максути не сакаше да впери прст против никого и кажа: „Сите ние треба да бидеме одговорни, да излеземе на терен, да спасиме се што може, да го спречиме пожарот за да биде со помали штети, а потоа да направиме едно резиме и да видиме кој каде и зошто затаил“.
„Јас само можам да ви кажам дека според нашиот закон за заштита и спасување, ние сме последната институција во алката на системот која треба да реагира. На пожар на отворено прво реагираат шумските служби, па тие бараат помош од противпожарните единици, ни затајува системот на доброволно противпожарни служби. Нема сојуз кој може на некој начин да ги искоординира и на крај треба да побараат помош од кај нас. Еве пример за вчера, јас ги ангажирав луѓето без да очекувам барање од градоначалниците на Кочани и Старо Нагоричане. Барањата ќе стигнат денеска, а јас уште вчера имав итен состанок со сите вработени, тимови и уште од вчера од 7 саат излегоа на терен и работеа. Ги повикав на работа сите, сосе архива. За разлика од некој директно, кај нив е пожарот, они треба да ако ништо друго да седнат и да повикат некого, зошто најлесно да е да се напише едно барање, а најтешкото е да се излезе со сили и средства на терен.
Тој наброја и неколку донации за противпожарните бригади во неколку градови и посочи дека за ова треба поголема грижа од страна на системот.
„Во однос на опремата ако следевте месецов преку различни проекти и донации се трудиме да направиме нешто. Дониран е камион од Словенија во Крива Паланка, донирано е противпожарно комбе во Скопје, дониран е друг камион во Кочани, донирани се противпожарни средства преку Швајцарската амбасада и проект на ЕУ во Берово. Направено е, навистина нешто се прави. Меѓутоа, треба системски повеќе да се грижиме. Застарени се и уште го немаме решено ниту прашањето за одржување на оваа опрема. Ќе се чуди некој кога ќе види дека стар камион од 40 години е функционален и не само што е функционален туку и врши работа. Кај нас се прилично стари не се одржувани како што треба. Немаме ниту специјален сервис за такви работи. Затајува ланецот на одржување во функционалност. Ниту сега немаме некој кој ги одржава“, кажа Максути.
Тој смета дека и вчерашниот пожар е предизвикан од човечки фактор потенцирајќи: „Пожарите не доаѓаат од небо, бидејќи немаше громотевици па да се запали од такви причини. Пред се човечкиот фактор. Сметам дека можеби има подметнување. Во Кочани пожарот пред три дена го изгаснавме од едната страна, вчера пак се појави од другата страна. Вчера пак е изгаснат од едната страна, па се појави од другата страна. Очигледно треба и патролирање на полицијата, македонски шуми, да бидат присутни 24 часа на терен за да не дојде она најлошото“.