Авганистан може да стане отпадничка држава доколку талибанците продолжат со насилно освојување територии и злоставување на сопствениот народ, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Многу загрижуваат напредувањата на талибанците кон локалните центри во земјата и извештаите за злосторства, изјави Блинкен пред новинарите во Њу Делхи.
-Авганистан, земјата која не ги почитува правата на сопствениот народ, која извршува злосторства против него, на крајот ќе стане паријска држава, рече Блинкен по разговорите со неговиот индиски колега Субрахманијам Јаишанкар.
Парија е вообичаено име за член на најниските индиски касти. Државата парија е термин што од 90-тите години на минатиот век се користи за државите чии политики или закони се сметаат за некомпатибилни со стандардите на „цивилизираниот“ свет и се мета на критики од другите влади или меѓународни организации, пред се, заради кршење на човековите права.
Блинкен додаде дека талибанците бараа меѓународно признавање и поддршка за Авганистан.
-Наводно сакаат авганистанските лидери да можат слободно да патуваат низ светот, да им укинат санкциите … но, насилното освојување на земјата и кршењето на правата на сопствениот народ не е начин да се постигнат овие цели, додаде Блинкен.
„Единствениот начин е да се преговара за мирно решение на конфликтот што ќе доведе до инклузивна и репрезентативна влада“, истакна американскикот државен секретар.
И покрај повлекувањето на американските трупи, Блинкен кажа дека САД остануваат ангажирани во Авганистан преку дипломатијата и различните видови помош, вклучувајќи ја и помошта за авганистанските безбедносни сили.