Обединетата македионска дијспора (ОМД) oд 24 до 27 јули ќе ја организира четвртата Глобална годишна конференција која годинава е посветена на 100-годишнината од Букурешкиот договор и Балканските војни.
– Ова е еден семакедонски, натпартиски и неполитички обид на ОМД за обединување, за да излеземе со обединет став кон битните прашања. Да увидиме како можеме да учиме од грешките од претходното за да одиме напред како нација и држава”, рече на прес-конференција претседателот на ОМД Мето Колоски.
Според него, целта е што поголем дел од македонската дијаспора почесто да ја посетува Македонија, бидејќи има многу кои се со македонско потекло, но никогаш не биле во земјава.
На конференцијата ќе се зборува за историјата, за луѓето кои не ја знаат да се запознаат со неа, но и да се упати порака за иднината.
– Не е важно што се направило во последните сто години, што и се случило на Македонија во тој период, туку и што треба да се направи во иднина. Ќе се говори и за економијата, како дијаспората да инвестира во татковината и што Македонија и нуди во таа насока, за надворешната политика, за ЕУ и НАТО, рече Колоски.
ОМД за организација на конференцијата ќе потроши повеќе од 300 илјади евра, а ќе бидат посетени повеќе градови низ земјава, како и градови од егејска и пиринска Македонија. Ќе бидат одржани и повеќе културни настани, информираше Колоски.
На конференцијата е поканет да присуствува македонскиот државен врв, а ќе има и видни академски личности.