Во салонот на Националната опера и балет вечер ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес“, во рамки на 42. издание на манифестацијата „Скопско лето“, најави Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Во балетската претстава ќе учествуваат танчери од нашата држава, од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и од Србија.
Кореограф е Игор Киров, драматург е Горан Головко, музиката е на „Бјело Дугме“, а светло мајстор е Амир Ахиќ. Балетскиот ансамбл го сочинуваат: Бранко Митровиќ, Јакша Филиповац, Лука Живковиќ, Енди Шротер, Емир Фејзлиќ, Мојца Мајцен, Теодора Радивојевиќ, Зулејха Кецо и Ана Кузмановиќ.
-Балетската претстава „Сви марш на плес“ нè води во електричен и измислен свет во кој песните на култниот екс-ју бенд „Бјело Дугме“ стануваат основа за раскажување на приказни за едно време и една генерација. Како што љубовта е тема во повеќето песни на Бјело Дугме, така не можеме да избегаме од фактот дека сржта на оваа претстава е токму љубовта и љубовните односи, од оние за кои копнееме, до оние за кои живееме, и оние кои кои се на издишување или припаѓаат на носталгичниот одраз на нивните херои, соопштија организаторите.
Инспирација за атмосферата на претставата е добиена од спотовите на бендот.
-Игор Киров македонски кореограф со меѓународна кариера, на секому омилените и познати хитови од Бјело Дугме создава динамична балетска претстава чие дејство е грубо лоцирано во замислена младинска државна градба за време на летна работна акција во првата половина на 80-тите години на минатиот век, соопштија од „Скопско лето“.