Законот за амнестија на финансискиот криминал во Русија стапи во сила, откако беше објавен во денешниот број на рускиот службен весник, соопшти електронското издание на „Лента.ру“.
Документот беше усвоен на 2 јули од Долниот дом на рускиот Парламент по три читања. Амнестијата ќе биде во сила шест месци.
Закон опфаќа лица обвинети по 26 члена од кривичниот законик, како што се кршење на авторските права, илегално претприемништво и банкарски услуги, измами, перење на пари, затајување данок и избегнување царина, како и неисполнување на кредитни обврски.
Амнестирањето се однесува за лица што се по првпат осудени или им се суди за финансиски криминал, со што на слобода ќе се најдат околу 350 бизнисмени.
Амнестија ќе добијат криминалците со „бели кошули“, што претходно не биле осудувани, коментираат руските медиуми. Амнестијата не важи за случаи на закана или примена на насилство.
Амнестијата се однесува и на лицата што имаат условни казни, чиј број според проценките изнесува околу 1.350. Според проценките како резултат на законот на слобода ќе се најдат меѓу 3.000 и 10.000 претприемачи.