Сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека масовните протести против египетскиот претседател Мохамед Морси, кој беше соборен од власт од армијата, го означуваат крајот на политичкиот ислам.
– Случувањата во Египет го претставуваат крахот на политичкиот ислам, истакна Асад во интервјуза државниот весник „Ал Саура“.
– Насекаде во светот секој, кој ја користи религијата за политички цели или за да се стекне со корист на сметка на други, е осуден на пропаст, нагласи сирискиот претседател во интервјуто, чии делови се објавени на неговиот Фејсбук профил.
Непријателството меѓу режимот во Дамаск и движењето Муслимански браќа трае со години. Во Сирија членството во ова исламистичко движење од ’80-те години на минатиот век се казнува со смрт.
Сирискиот огранок на Муслимански браќа игра важна улога во националната коалиција на сириската опозиција, која е призната за легитимен претставник на сирискиот народ од над сто држави и организации.