Синдикатот на полицијата на Македонија реагира на катастрофалните услови за работа на новоотворениот граничен премин со Косово, Стрезимир – Рестелица. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го пушти во употреба привремениот премин во неделата, но полицајците се жалат дека таму ги немаат ниту најнеопходните услови за живеење. Објектот наменет за нив, кажуваат дека е целосно руиниран, па место во него, тие смена држат во џип, радиоврските и мобилните телефони не им работат оти нема репетитор, во тоалет одат каде што ќе стигнат…
„Ги повикуваме Државниот инспекторат за труд, Санитарната инспекција, народниот правобранител и сите надлежни институции да излезат на терен и ги констатираат катастрофата и нечовечките услови за живеење на полициските службеници од овој сѐ, само не привремен граничен премин во Стрезимир. Кога се поаѓа од градот Дебар, оддалеченоста од местото е 21 километар, но по поминување на мостот кон објектот, по 4 километри, се губи секаков сигнал бидејќи нема репетитори, не се користат радиоврски, ниту мобилни телефони, па полициските службеници се оставени на милост и немилост, понекогаш и по осумчасовно патролирање, а сега откако полицијата е ’задоволна’, патролирањето трае по 12 часа. Конкретно за масата и столовите што ги виде јавноста, тие се земени од објектот на АД ЕЛЕМ и се користат за јадење, а овој пат пред министерот за сликање. Полициските службеници на ова место одат со службено возило ’дефендер’ и седат внатре, со себе немаат оперативни гласници, информации за потерници и слично, па секој што ќе помине на таканаречениот премин се пушта „на жими мајка“, единствено нешто е што УПС водат евиденција со запишување на лицето. Од рубриката ’задоволна’ полиција ќе издвоиме и дека полициските службеници воопшто немаат тоалет и одат каде што ќе се снајдат, јадат во џипот, било сонце, било дожд, тие се во џипот. Оддалеченоста од објектот на ЕЛЕМ до местото каде што се поставени УПС на т.н. граничен премин е 15,5 километри, а смената им е само дневна од 8 до 20 часот. Порано праксата беше на граничниот премин да оди само еден УПС, сега од понеделникот, најверојатно, оти министерот ја помина границата и му ставија печат на пасошот, се ставени по двајца УПС на смена“, рагираат од Синдикатот.
Револтирани од тоа што во јавноста се прикажува поинаква слика од реалната, од Синдикатот алармираат за ужасната состојба во која се наоѓа објектот од цврста градба наменет за полицијата, кој го користеле само мигранти да се засолнат кога во близина нема полицајци.
„Во 2004 година се поставени четири привремени контејнери, во кои била сместена полицијата за чување на граничната линија со Албанија и Косово. По демаркацијата на границата, линијата се поместува на 300 метри кон косовска страна, со што во 2018 година контејнерите се украдени. Објектот од тврда градба е од косовска страна, со што по демаркацијата, го добива македонската полиција, но е целосно руиниран, со турнат покрив и земјен под, внатре со фекалии, каде што обично се засолнуваат мигрантите кога таму нема присуство на полиција. Патот од македонската страна е земјен, а асфалтот што е прикажан на фотографиите со министерот е од косовската страна и од тие причини, за да се фотографира министерот, е одено од другата страна. Поранешната полициска станица била сместена кон врвот Кораб, но не се користи и привремено полицијата е сместена во објект на ЕЛЕМ поставен за чување на патот. Првпат ваква идеја за отворање на привремениот премин имало во 2018 година, но потоа, поради ковид-кризата во 2020, се затвора“, велат од Синдикатот.
Нивните барања се да се обезбедат пристојни услови за работа и на полицајците што работат на граничниот премин оти, како што нагласуваат, и тие заслужуваат достоинство.
На отворањето во неделата министерот Спасовски нагласи дека преминот го користи голем дел од околното население оти во 2019 година, во летниот период, додека преминот беше отворен, регистрирани биле 1.900 минувачи за еден месец.