Премиера на оперетата „Оливер Твист“

Од:

Театарот за деца и младинци ја подготови оперетата „Оливер Твист“ според истоимениот роман на Чарлс Дикенс. Премиерата на ова познато дело и лектира во основно училиште, овојпат во стихувана форма, ќе биде изведена утревечер во рамки на „Скопско лето“.

Режисер и автор на драматизацијата е Срѓан Јаниќијевиќ, а со претставата театарот ќе се придружи на минатогодишното светско одбележување два века од раѓањето на големиот британски писател Дикенс (1812-1870), кој е наречен хориничар на најсиромашните слоеви и борец против општествените неправди.

Претставата е наменета за деца над 10 години. Режисерот Јаниќијевик на прес-конференција рече дека „Оливер Твист“ е ремек-дело во целата британска книжевност, со комплексна  структура, 63 ликови, силен емотивен набој и со жесток однос кон неправдите во тоа време, поради што е и  многупати филмувана, драматизирана и наградувана.

– „Оливер Твист“ многу влијаеше на мене уште како дете – и на ниво на некои етички вертикали што ги имам и денес, и на ниво на естетска структура, зашто цел тој викторијански период мене ми е многу драг. Овој проект ми е битен цел живот и оваа е можеби најдобрата претстава што досега сум ја работел.  Се обидов да ја задржиме сериозноста и поентата на Дикенс, но да ја изразиме на друг начин – да ја задржиме сериозноста, но да не биде со солзи. Се обидов и целата  структура што ја има во книгата да ја ставам во либретото. Првпат пишувам во стих и колку што е забавно, толку е и напорно, рече Јаниќијевиќ.

Оливер Твист ќе го игра Бојан Кирковски, кој во едночасовната приказна со многу музика и пеење, ќе го оживее  ликот на  8-годишното момче кое ќе израсне  во сиропиталиште  и ќе мине низ многу неволји и бездушност пред да биде спасено. Учествуваат и Изабела Новотни, Наташа Петровиќ, Симона Спировски, Владимир Лазовски, Драган Довлев, Мики Анчевски, Мартин Јордановски и Ненад Митевски – деветмина актери кои ќе одиграат 26 ликови.

Во функција на приказната е сценографијата и костимите на Кирил Василев и музиката на Игор Василев. Тој рече дека претставата ќе им овозможи на децата да научат да комуницираат со различните видови музика што ги користи – класична, модерна музика и од поп-културата.

Според директорот на Театарот за деца и младинци Драган Довлев,  претставата ќе биде интересна за децата кои се нивни редовни посетители, зашто се работи за нов жанр.

– Идејата е стара две години. Првпат поставуваме ваков жанр, кој е тежок и дадовме максимум. Либретото на Срѓан е меѓу посериозните и поиздржаните текстови што сме ги добиле, истакна Довлев.

Со оваа претстава театарот ја заокружува трологијата премиери на лектирни изданија поставени во изминатите шест месеци – заедно со „Грдото пајче“ во декември и „Пипи Долгиот Чорап“ во март. Од септември до крајот на годинава ќе има уште два  наслова – младинската претстава „Нашиот клас“ на Тадеуш Слобоѕианек во режија на Владимир Милчин и „Бајка за царот Нај“ на Снежана Иљоска-Наумовска во режија на Коле Ангеловски.

Театарот ја завршува сезоната со 108 изведби. Му претстојат два настапа во Црна Гора со „Пипи Долгиот Чорап“ – на  фестивалот во Котор на 6 јули и во Херцег Нови на 9 јули.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија

Кабаре – концерт за лажици и гитара на Раде Шербеџија и Ленка Удовички на фестивалот РУТА во Драмски театар

Јордан Симонов од МНТ најдобар актер на фестивалот „Албански театар во Македонија“

Предраг Петровиќ