Центарот за современи уметности Скопје создаде уметничка акција во главниот град посветена на климатските промени наречена „Климатски баланс“.
Целта на акцијата е да се подигне јавната свест во земјата за поодржливо користење на природните ресурси, во прв ред шумите и водата, кои се сериозно загрозени.
– Kлиматските промени се почесто ги чуствуваме на сопствената кожа. Веќе не е прашање дали ќе се случат, туку какво ќе биде нивното влијание и во колкава мера ќе ја погодат планетата Земја и каква ќе биде состојбата во Македонија. Идејата на оваа акција наречена Климатски баланс е да се потсетат граѓаните, властите и да се подигне јавната свест во Македонија за што е можно поодржливо користење на природните ресурси во прв ред шумите и водата кои за жал се сериозно загрозени (илегална и прекумерна сеча, мали проточни хидроцентрали кои го уништуваат биодиверзитетот), наведуваат организаторите.
Акцијата „Климатски баланс“, како што појаснуваат, преку сантата мраз која на скопските горештини интензивно се топи, едновремено го претставува и топењето на глечерите и половите и кризата на Северниот пол, кој е сериозно загрозен и се претпоставува дека во наредните децении може да се случи негово целосно топење.
– На другата страна на клацкалката е планетата Земја која засега е високо над огнот, но како се топи мразот клацкалката се спушта кон огнот и го најавува пеколниот период кој ни претстои ако не превземеме големи и брзи чекори за намалување на глобалното затоплување кое несомнено ќе не погоди сите и никој нема да биде поштеден, посочуваат од Центарот за современи уметности.
Акцијата е финансиски поддржана од Фондацијата отворено општество Македонија.