Добрите политички и пријателски односи меѓу НР Кина и Македонија треба да ги следи динамизирана соработка во повеќе области со цел развој на економските односи како стратешка определба на двете држави, констатираа на денешната средба во Пекинг премиерот Никола Груевски со неговиот кинески колега Кечианг Ли.
– Ова е прва средба со новиот премиер на НР Кина, на која што ги реафирмиравме претходните позиции. Македонија и Кина имаат одлични политички односи, без отворени прашања. Истовремено се трудиме максимално да ги зајакнеме економските односи, Кина е огромна држава со голем потенцијал, а нивните компании се се поприсутни во Европа, изјави по средбата премиерот Груевски.
Кај Република Македонија, нагласи, постои интерес за реализација на повеќе инфраструктурни проекти кои се од значење за државата, а во контекст на намерата на НР Кина за алоцирање 10 милијарди долари како поддршка на проектите за зајакнување на економската соработка со земјите од Централна и Југоисточна Европа.
– Исто така го реафирмиравме нашето барање Македонија добие свој удел во проектот на Кина за партнерство со Источна Европа, за кој што имаат алоцирано 10 милијарди долари за земјите од Источна и Централна Европа, кои што се под преференцијални услови за крупни инфраструктурни проекти. Македонија е заинтересирана да влезе во еден таков проект и тоа беше дел од нашиот разговор, посочи Груевски.
Реафирмирајќи ја заложбата за отворање посебна технолошко индустриска развојна зона за кинеските компании, Груевски го информираше својот кинески колега дека Република Македонија пет години по ред од страна на Светската Банка во изданието Дуинг бизнис е наведувана како пример за земја топ реформатор со добри услови за водење бизнис.
Се осврна на најнискиот даночен пакет во Европа што го нуди Македонија, даночните олеснувања во слободните економски зони, како и слободниот пристап до 650 милионски пазар кој се обезбедува преку потпишаните договори за слободна трговија со сите земји на континентот Европа, соопшти владината прес-служба.
Груевски иницирал скорешен состанок на мешовита македонско – кинеска комисија за економско – трговска соработка, што од страна на премиерот Кечианг Ли е поздравено и прифатено како добра можност за продлабочена соработка.
Според Груевски, може да се постигне поголема соработка и во туризмот како поле коешто нуди различни аспекти на соработка и може да донесе економски напредок. Во сферата на културата премиерот Груевски ја поздравил најавата на НР Кина дека набрзо ќе се отвори Институт Конфучие во Република Македонија, кој ќе делува во функција на промоција на кинескиот јазик и култура во нашата земја што дополнително ќе придонесе за зближување и градење на пријателство меѓу двете држави.
Премиерот укажал на можноста за јакнење на образовните потенцијали преку размена на студенти со НР Кина и опцијата кинески студенти да студираат на универзитети во Македонија за што Владата доделува стипендии со објавување конкурс секоја академска година.
Премиерот на НР Кина, Кечианг Ли се согласил дека добрите и пријателски политички односи со Македонија се силна подлога за фокусирање на дополнителен развој на економските односи.
НР Кина, оценил, исклучително го цени патот на реформите, напредокот и развојот, што е одбран како клучна определба на Република Македонија. Посочил дека кинеската држава е подготвена за поинтензивна трговска и економска размена и оти се надева и очекува добра искористеност од македонска страна на средствата кои Кина ги нуди како поддршка за реализација на проекти во земјите од Централна и Југоисточна Европа.
– Премиерот Кечианг Ли даде политичка поддршка на можностите и опциите за кинески инвестиции во нашата земја и истакна дека лично ќе се заложи и ќе ги охрабри кинеските компании да ги разгледаат инвестициските можности и да ги насочат своите активности кон поголема економска соработка со Македонија, се вели во соопштението.