Во кабинетот на еквадорскиот амбасадор во Лондон бил пронајден апарат за прислушување, објави еквадорскиот весник „Телеграфо“.
– „Бубачката“ била пронајдена на 16 јуни. Оваа информација не ја соопштив порано со цел посетата да не добие непријатна слика, изјави еквадорскиот министер за надворешни работи Рикардо Патињо по посетата Лондон, каде се сретна со основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж, кој престојува во Амбасадата на Еквадор во британскиот главен град.
Патињо нагласи дека овој факт е „уште еден доказ за непостоење етика во меѓусебните односи на меѓународно ниво“.
– Не следат од секаде, истакна Патињо, додавајќи дека, според него, пронајдениот микрофон не е поврзан со програмата на САД за масовно следење, откриена од соработникот на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден.
Шефот на еквадорската дипломатија нагласи дека за овој случај ќе биде побарано објаснување од земјата која го произвела пронајдениот апарат, но не посочи за која држава станува збор.