Според последните извештаи, околу 1.500 луѓе се затруени во косовската општина Дечани, а градоначалникот Башким Рамосај, прогласи вонредна состојба во општината. Според локалните медиуми, причината за труењето најверојатно е нечиста вода за пиење.
Директорот на косовскиот Центар за семејна медицина, Селмон Бериша, рече дека на најголемиот дел од пациентите им била пружена помош во Дечани, додека мал број биле упатени во болницата во Пеќ. Според него, здравствената состојба на пациентите е добра.
Министерот за здравство, Арбен Витија, ги негираше информациите кои се појавија во дел од медиумите, дека имало две починати лица. Според министерот, двата смртни случаја не се поврзани со труењето. Тој додаде дека Општина Дечане ќе има приоритет во снабдувањето со лекови и сè што е потребно.
Директорот на Националниот институт за јавно здравје на Косово, Насер Рамадани, на прес-конференција рече дека лабораториските тестови не покажале дека граѓаните биле затруени со вода.
„Лабораториските резултати што излегоа денес, во моментов покажуваат дека немаме никакви траги на труење со вода. Ова не значи дека не постои можност за појава на хидрични инфекции, но ние ќе продолжиме со постојана анализа и на водата и на тестовите на пациентите“, рече Рамадани.