На „Охридско лето“ вечерва концерт на дуото Даниел Роланд и Маја Богдановиќ

Од:

По синоќешното свечено отворање и спектаклот што го донесоа уметниците од Националната опера и балет, музичката фестивалска програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со концертот на уметниците Маја Богдановиќ на виолончело и виолинистот Даниел Роланд.

Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд и српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ ги спојуваат своите неверојатни енергии во исклучително музичко партнерство. Од основањето на нивното дуо во 2018 година тие настапуваат на бројни фестивали во Европа, САД и Јужна Америка освојувајќи ја публиката со нивната страст, нежност и авантуристички конципирана програма, како и со нивната иновативност и прекрасно чувство за меѓусебно надополнување и музичка комуникација. Редовно се гости на холандската радио-телевизија и се особено посветени на проширување на релативно малиот репертоар за оваа комбинација инструменти. Нивното неодамна издадено ЦД за компанијата „Challenge Records“ вклучува светски премиери и дела од Пендерецки, Солима, Васкс, Нисинман и е одлично примено од музичката критика. Американскиот магазин „American Record Review“ пишува „Исклучително- неверојатно богатство, комплетно уживање“, додека пак дневниот холандски весник „Ханделсблад“ го опишува како „магична средба на виолончелото и виолината“.

Даниел Роланд се етаблира на интернационалната музичка сцена како разновиден, комуникативен и харизматичен изведувач со широк репертоар од барок до современа музика. Во изминатите концертни сезони настапува со оркестри од Тромсо на северот на Норвешка до оркестрите во Кејптаун, а соработува со водечки диригенти како: Хајнц Холигер, Јаап ван Цвејден, Франсоа Ксавиер Рот, Лоренс Фостер, Росен Миланов и Андреј Борејко. Тој е посветен камерен музичар, неговите настапи му носат соработки со истакнати музичари меѓу кои и: Иври Гитлис, Хајнц Холигер, Жил Апап, Ана Федорова, Александер Лонквих, Нино Гветадзе Мајкл Колинс, Николас Даниел, Владиимир Менделсох, Ларс Вогт, Алберто Месирка, Вилард Вајт и Елвис Костело. Во 2005 година Даниел го основа Интернационалниот музички фестивал Штифт во регионот Твенте во источна Холандија. Фестивалот е меѓународно признат поради интимниот карактер, авантуристичка програма и прекрасна атмосфера. Дванаесет години Роланд беше водач на познатиот „Бродски“ квартет со кој настапуваше ширум светот и со кој остваруваше многу снимени изданија меѓу кои и познатиот циклус на дела од Шостакович. Даниел Роланд предава на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.

Маја Богдановиќ се вбројува во најдобрите виолончелисти на денешницата. Концертно настапува со „Тонхале“ оркестарот во Цирих, со Филхармонијата во Токио, со Минхенскиот камерен оркестар, Белградската филхармонија, Берлинскиот симфониски оркестар и оркестарот на РТВ Словенија. Како камерен музичар таа е чест гостин на фестивали за камерна музика ширум светот настапувајќи со исклучителни уметници како: Марта Аргерич, Јуриј Башмет, Јулијан Рахлин, Нино Гветадзе, Немања Радуловиќ и Мариана Ширнијан. Има издадено неколку носачи на звук за компаниите „Лиринкс“ и „Нимбус“, а нејзиното соло-рецитално ЦД „Источен ветер“ е снимено за „Орхид класикс“ со пијанистката Марија Белоусова. Посебно место во репертоарот на Маја

Богдановиќ заземаат делата од современите автори, па така таа премиерно изведува дела од: Николас Бакри, Софија Губајдулина, Кшиштоф Пендерецки, Филип Сојерс, Исидора Жебељан и др.

Нејзината соработка со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки започнува во 2008 година со настапите со Белградската, а потоа и Словенечката филхармонија каде го изведува неговиот втор концерт за виолончело и оркестар под диригентската палка на самиот композитор, а подоцна заедно го снимаат истото дело за издавачката компанија „DUX”. Маја Богдановиќ е лауреат на повеќе меѓународни натпревари, а образованието го стекнува на конзерваториумот за музика во Париз на кој дипломира и магистрира во класата на Мишел Штраус, а камерна музика посетува кај Пјер-Лорен Аимар и Итамар Голан. По студиите во Париз се усовршува во Берлин под водство на Јенс Петер Маинц, а посетува мајсторски курсеви кај Бернард Гринхаус, Албан Герхард и Хајнрих Шиф.

Концертот на дуото е од 21 часот, на сцената во катедралната црква „Света Софија“.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма