Фондот за здравствено осигурување на Македонија денеска упати повик до 25-те аптеки од руралните средини што добиле решение дека се во мрежа од Министерството за здравство, за склучување договор за 2013 година. За секоја од овие аптеки ФЗОМ ќе издвои по 113 илјади денари месечно, а потоа на квартално ниво ќе се прави адаптирање на буџетот.
– За извршените здравствени услуги, Фондот како купувач на здравствени услуги склучува и раскинува договори со здравствените установи. За да може аптеката која добила решение за вршење дејност во мрежата на здравствени установи од страна на Министерството за здравство, да достави барање да склучи договор со ФЗОМ потребно е да поднесе барање за склучување договор за 2013 година, изјави на прес-конференција директорот на Фондот, Јован Грповски.
Основните здравствени услуги за осигураните лица, Фондот ги обезбедува во здравствените установи, утврдени со мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност согласно со прописите од областа на здравствената заштита, согласно членот 9 од Законот за здравствено осигурување.
Аптеките кои добиле решение за вршење дејност од Министерството за здравството се во селата Брвеница, Теарце, Јегуновце и Вратница, тетовско, Ракотинце, Ново Село, Буќовиќ, Глумово, Долно Свиларе, Петровец, Мирковци и Марино, скопско, Нагоричане и Матејче, во кумановско, Могила и Новаци, битолско, Форино, гостиварско, Карбинци, штипско, Моноспитово и Иловица, струмичко, како и во Крива Паланка, Пехчево, Демир Капија и две аптеки во Неготино.
ФЗОМ досега има склучено договор во 704 аптеки. Со овие 25, вкупниот број ќе изнесува 729.