Челниците на НАТО на самитот во Чикаго не донесоа одлука за прием на нови членки во Северноатлантскиот сојуз, што е преседан во однос на сите самити кои се одржани во последните неколку децении, пишува американскиот неделник „Форин Полиси“.
Надвор од Алијансата, и понатаму се Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Грузија, иако се надеваа дека би можело да дојде до напредок во Чикаго.
Министрите за надворешни работи на 28-те НАТО држави се состанаа со претставниците на четирите земји кои бараат членство во Алијансата, но освен љубезна благодарност за учеството на нивните војници во мисиите, не добија ништо друго.
„Форин Полиси“ истакнува дека Грузија за членство во НАТО ја спречува нерешеното територијално прашање со Русија, додека Македонија спорот за името со Грција.
Не треба да се заборави, се потенцира во неделникот, дека Македонија ги исполни сите услови, а се уште не е членка на НАТО.
Црна Гора го има добиено Акцискиот план за членство во Алијансата, што е последен чекот пред влез.
Неделникот оценува дека проширувањето на НАТО не е меѓу приоритетите на администрацијата на Барак Обама, која многу повеќе е свртена кон завршување на војната во Авганистан и на европската должничка криза која има влијание и на воената алијанса.