Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека влегувањето на Хрватска како полноправен член на ЕУ и отворањето на пристапни разговори со Србија има извонреден ефект врз поткрепата на демократијата во регионот на Западен Балкан.
За Камерон, хрватското членство во Унијата, како и одлуката да се почнат преговори за влез во ЕУ на Србија, две соседни земји кои до скоро беа непријатели, само ја покажува големата сила на Европската унија да ги трансформира претходно разделените, неединствени општества.
Британскиот премиер, кој е во работна посета на Казакстан, зборуваше денеска пред студентите на државниот Универзитет во Астана за ЕУ и за нејзините идни стратешки насоки. Според Камерон, покрај ширењето кон југот на Европа и Западниот Балкан, Унијата сега треба да се сврти и кон Истокот, зад веќе примените балтички земји.
Литванија, Летонија и Естонија се единствените држави од поранешниот Советски Сојуз кои се членки на ЕУ. Како можни кандидати порано се посочуваа и Украина и Грузија, но британскиот премиер во своето предавање во главниот казакстански град, не спомена никого. Тој само рече дека британската визија за ширењето на ЕУ оди подлабоко и подалеку од досега, до државите на поранешниот СССР, при што границите на Унијата би биле од Атлантскиот Океан до Урал.
– Ние (Велика Британија) уште од почетокот го поддржуваме процесот на проширување на ЕУ и тоа го бараме и сега, залагајќи се тој процес да продолжи и понатаму, изјави во Астана британскиот премиер Дејвид Камерон.