Последната година е направено повеќе за органодарителството, отколку во претходната деценија е оценката на Боре Минов, член на здружението за механичка поддршка на срце „Храбрo срце“.
Штипјанецот, Минов вели дека се мало здружение и засега само можат да прават кампањи и да ги информираат граѓаните за огранодарителството, а потребна им е поддршка за да се направат измени во постојниот Закон за трансплатација, кој ќе понуди начини како институциите да се информирани за одлуките и волjата на поединци дека сакаат по нивната смрт, нивните органи да се даруваат. Појаснува дека во моментов секој граѓанин е потенцијален донатор на органи во земјава.
-Последниот збор го има семејството, тоа треба да одобри од починатиот или од лице со мозочна смрт, да се донираат органите. Многу е тешко кога семејството губи човек, а некој треба да се јави и да праша, дали се согласуваат на донација на органи. Многу е тешка таа одлука, особено во таков момент. За да не се случува тоа има држави во кои преку нотар се даваат изјави, за семејството за нас да не одлучува, туку одлучуваме самите ние, додека сме живи. Во некои од државите има и органодарителски картички, во некои пак е внесено како податок и на возачката дозвола, вели Минов.
Посочува дека во последната година нашата земја има направено големи чекори за влез во евротрансплант зоната, а за да се влезе во неа исто така треба да се исполнат одредени услови. Најнапредни на оваа тема и меѓу првите во Европа е Хрватска.
Минатата година во земјава беше направена првата трансплатација на срце. Досега се изведени пет трансплатации од починат донор, трансплатирани се четири срца и 12 бубрези, а направена е и првата трансплатација на коски и коскени ткива.