Извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимерманс, одби да биде дел од традиционалната институционална фотографија помеѓу членовите на Европската Комисија и новата земја претседавач со ЕУ поради политиката на Јанша, јави дописничката на МИА од Брисел.
Од Европската Комисија денеска уверија дека претседателката Усрула фон дер Лајен изразила разбирање за одлуката на Тимерманс.
-Извршниот потпретседател не е на фотографијата со словенечкото претседателство, претседателката имаше разговор со сите извршни потпретседатели и таа ја почитува неговата одлука да не учествува во институционалната заедничка фотографија, за нас ова прашање е затворено, изјави Дана Спинант, портпаролка на Комисијата.
Тимерманс заедно со другите членови на Европската Комисија учествува на редовната посета во новата земја претседавач.
Словенија вчера го презема претседателството со ЕУ, но премиерот на оваа земја, Јанез Јанша, кој е идеолошки близок до унгарскиот премиер Виктор Орбан, е контроверзен лик во Европската Унија поради неговиот однос кон судството, медиумите, и малцинствата.
Тимерманс, кој е член на холандска социјалдемократска партија, оцени дека не може да стои рамо до рамо со Јанша откако словенечкиот премиер вербално нападна судии и европратеници, меѓу кои и Тања Фајон, исто така членка на Социјалдемократската група во Европскиот Парламент.
Во Брисел расте загриженоста за тоа како ќе се одвива словенечкото претседателство токму поради владата на Јанез Јанша.
ЕУ уште чека тој да назначи и јавен обвинител за новото Европско Обвинителство кое почна со работа во јуни. Ова обвинителство има задача да гони криминал поврзан за злоупотреба на фондовите и буџетот на ЕУ. Словенија иако требаше до сега да назначи член тоа сѐ уште не го сторила. Јанша вчера вети дека до есен ќе ја исполни оваа обврска.