Луѓето кои имаат некое хронично заболување, а притоа се изложени и на физички или хемиски агенси, што произведува дополнителен оксидативен стрес, има голема веројатност да заболат од Ковид-19, вели директорката на српскиот Институт за нуклеарни науки „Винча“, Снежана Пајовиќ.
Пајовиќ, која е медицински доктор чијашто специјалност е оксидативниот стрес, вели дека покрај постојаната изложеност на стресот, неправилната исхрана, недоволната физичка активност и прекумерната тежина се дополнителни фактори на ризик.
Таа за „Политика“ изјави дека е добро превентивно да се земаат витамините Ц и Д, затоа што, како што вели, тие покажуваат исклучителна антиоксидативна активност, како засебно, така и во заедничко дејство.
„На овој начин, тие го штитат организмот од оксидативен стрес и го засилуваат севкупниот одбранбен систем“, рече Пајовиќ, која додаде дека според сите релевантни истражувања, луѓето кои имаат нулта крвна група се поотпорни на коронавирусот од луѓето со останатите крвни групи.