Прашањето за создавање на постојана воена база на Русија на Кипар не е поставено ниту се разгледува, изјави кипарскиот министер за одбрана Фотис Фотиу.
Неговата изјава уследи откако дел од западните медиуми објавија дека руските власти преговараат со Никозија за да обезбедат воено присуство на Островот во случај да биде затворена базата за техничка поддршка на бродовите на руската воена морнарица во Тартус, Сирија.
– Русија не побарала создавање на постојана воена база на Кипар, истакна Фотиу.
Тој додаде дека Русија побарала две работи. Првата се однесува на укажување на помош во случај на итна евакуација на руските граѓани од регионот. Кипарските власти го разгледувале тоа барање и според Фотиу, Русија набрзо ќе добие позитивен одговор.
Кипарскиот министер за одбрана истакна дека Русија побарала и дозвола за да ја користи авиобазата „Андреас Папандреу“ на Пафос за хуманитарни цели, но оти тоа барање се уште не е разгледувано од кипарските власти.