Со низа фалсификати и лажна изјава, Маја Сотировска и Жарко Будимовски се жалат дека соседите успеале да им го одземат дворот кој бил доделен на користење на нивните семејства заедно со дуплекс куќа на Водно над училиштето „Кочо Рацин“ уште во 1968 година. За да докажат дека соседите никогаш не биле корисници на дворот, Сотировска и Будимовски побарале историјат на парцелата која им е одземена. Во документот од Катастар е наведено дека приватизацијата на дворот била направена само врз основа на изјава за која Сотировска и Будимовски тврдат дека е лажна.
„Овозможена им е приватизација во 2011 година, откако поднел барање Крсто Тодоровски заедно со Гоце Лазаревски, врз основа на лажна изјава дека го користеле земјиштето кое никогаш не го користеле, ниту пак имале право на владение. Договорот за купопродажба е потпишан од Нена Попова, според документите кои ни беа приложени од Катастар. Тоа е клучното. Во непосредна спогодба е извршена купопродажбата без да се изложи земјиштето затоа што тие немале законско право да го изложат“, вели Сотировска.
Имињата на соседите кои го откупиле дворот со вкупна површина од 444 квадратни метри по едно евро за квадрат првпат се појавуваат во документацијата во Катастар во 2012 година. За да дојде до оваа промена, уверението за историски преглед од Катастарот, покажува низа измени кои се интензивирале во периодот околу 2000 година. Со одземање на делови од соседните парцели, била формирана парцелата за дворот кој сега е откупен и бил запишан како имот на Република Македонија.
Во 2012 година била направена измена поради приватизацијата па како заеднички сопственици се заведени Република Македонија и Крсте Тодоровски за кого соседите велат дека ја дал лажната изјава. Истата година е направена уште една измена со која била избришана Република Македонија од сопствеништвото, а се појавува името на Гоце Лазароски, соседот кому на користење му била доделена мала куќа залепена за онаа на Тодоровски.
Следната измена е во 2015 година кога стапува на сила дигиталниот катастарски план. Со оваа измена се менува квадратурата на дворот, односно од 444 квадратни метри, без објаснување, тој станува 457 квадратни метри.
Со вака зголемена квадратура, во 2017 година во Катастарот на местото на Крсто Тодоровски, кој починал во 2016 година, се заведени Кети Јаневска и Јулија Тодоровска – Ајкоска заедно со Гоце Лазароски. На нивно име годинава Општина Центар издала одобрение за градење четирикатница која сакаат да ја изградат на парцелите на кои и сега се наоѓаат две трошни куќарки, на кои не било возможно да добијат маркичка за градење голем објект доколку не ги споиле со дворот кој им бил даден на користење на семејствата на Сотировска и Будимовски.
За новата градба не биле известени сите соседи кои сметат дека се обесправени оти не добиле можност да се изјаснат дека се против изградба на толку голем објект. Будимовски вели дека фалсификат е направен и со известувањето за градбата.
„Се испостави дека јас сум примил известување кое Општината наводно го испраќа до странките кои граничат со тој плац, а јас не сум примил ништо. Логично е дека е лажно, ако јас не сум примил ништо. Не се сомневам во поштарот кој што работи тука педесетина години. Луѓето кои се заинтересирани за брза градба веројатно имаат врски во многу институции како и дотичниве луѓе кои во текот на децении си наоѓале клиенти, од разно разни причини поткупливи, да прогледаат низ прсти, да направат фалсификати“, вели Будимовски.
За сите измени што се направени, за приватизацијата и за новата градба Сотировска, Будимовски и останатите соседи дознаа во мај годинава, кога инвеститор дојде и направи сеча на зеленилото во дворот за кој се грижеле и го одржувале. Тогаш ја почнале и институционалната битка за одземениот двор.
„Поднесена е тужба за нарушување на владение уште на самиот почеток. Најинтересно е што од судот нема никаква реакција, а таа тужба треба да биде во брза постапка , за месец дена каква било постапка да има. Помина и повеќе од еден месец, нема никаква реакција“, вели Будимовски.
Биле на неколку средби со градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, од кого бараат стопирање на градбата додека не се докаже на кој начин бил приватизиран дворот. Добиле ветување дека Општината по службен пат ќе ја провери приватизацијата.
Од Министерството за финансии повеќе од еден месец не одговараат на прашањата од „А1он“ за начинот на кој бил приватизиран дворот на Водно.
Претставник на инвеститорот и на сопствениците на парцелите, пак, за „А1он“ изјави дека ги имаат сите потребни документи кои може да се проверат во институциите, а обвинувањата од соседите вели дека се неосновани и тотално неточни.