Најновото издание на Фестивалот на монодрама во Битола ќе заврши со доделување на наградите за најдобрите, за кои одлучува жири комисија предводена од актерката Весна Петрушевска, а во која членуваат и театарскиот критичар Тодор Кузманов и режисерот Љупчо Ѓоргиевски.
Според востановената традиција, актерите кои учествуваа на 22. издание на Фестивалот на монодрама ќе добијат награда за режија, награда за најдобар актер и Гран при награда, за кои во конкуренција се 10 македонски актери со исто толку монодрамски претстави.
Во чест на наградените и веднаш по доделувањето на престижните признанија на големата сцена „Благоја Стефановски-Баге“ премиерно ќе биде изведена претставата „Луди за љубов“ од Сем Шепард во режија на Јован Ристовски.
Фестивалот на монодрама се одржува со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.