Во Струмица се одржа поетска вечер „Зборот на Конески“

Од:

По повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески синоќа во Струмица се одржа поетска вечер насловена како „Зборот на Конески“. За животот и опусот на Конески зборуваа д-р Ана Витанова Рингачева и д-р Вера Стојчевска-Антиќ, а поетесите Сузана Мицева, Мариета Дукиќ и Катерина Панов Кожаров читаа стихови од него.

Во своето вдахновено искажување професорката Стојчевска-Антиќ се осврна на нападите врз Блаже Конески кога во 2017 година тој беше наречен „Џуџето од Небрегово“ и како дошло до издавањето на книгата „Мојот професор пророк“ и подоцна “Навраќање кон Конески“, приредена заедно со новинарот и публицист Свето Стаменов.

-Не можев да замислам дека во нашата средина ќе биде наречен „Џуџето од Небрегово“ и затоа јас докажувам каков џин се роди во Небрегово. Замислете, тој само седум години бил во Небрегово, како дете и таму завршил прво одделение. Играл со децата заедно, но најубавото негово творештво му се засновува врз неверојатни продирања во животот во Небрегово. Така му настана „Тешкото“, така настана „Везилка“, тое е нешто неверојатно, во едно дете од седум години да се крие таква љубопитност, такво помнење за да може целиот живот да твори врз тие спомени, рече професорката Вера Стојчевска-Антиќ.

За д-р Ана Витанова Рингачева Конески знаел да ги именува нештата и состојбите.

-Знаеше да им даде име, име кое го бара од изворите на македонскиот јазик и оттаму ги извадил на светлината на векот за денес да бидат наш отчет и наша одбрана од нечестивите, рече Витанова Рингачева.

Во продолжение на поетската вечер беше прикажано и видео подготвено од Здружението за наука, литература и култура “Иван Василевски“ од Струмица, кое го организираше настанот, а се одржа во рамки на манифестацијата „Струмица град на културата 2021“.

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот