На вакциналните пунктови во државата, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 289.305 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.044 граѓани, а вкупно се вакцинирале 6.282 лица. Преку веб-платформата vakcinacija.mk , досега се пријавиле 460.702 граѓани за вакцинирање, информираат од Министерството за здравство.
Во државата, вкупно се аплицирани 501.506 дози вакцини, а ревакцинирани се 212.201 граѓани.
Со последните бројки, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 проценти над 65 години се вакцинирани со барем една доза вакцина и 38 отсто од жителите над 60 години примиле барем една доза вакцина.
-Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп, велат од Министерството за здравство.
Министерството апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.