Друштвото на филмски работници трета година по ред ги доделува почесните награди „Златна Рамка“ за најдобар филмски автор, актер и филмски работник.
Добитник на почесната награда за филмски автор на годината е Тонкица Митровска, дипломиран графичар и претставува една од првите автори кои работат на анимиран филм во земјава.
Почесна „Златна рамка“ за филмски работник му е доделена на Трајче Величковски, сценски работник, односно техничко лице кое е во тесна соработка со директорите на фотографија. Во изминатата декада работи на најголемите македонски филмски проекти.
Јовица Михајловски, еден од актерите кои има изиграно најмногу улоги во македонските филмови низ овие три децении e добитник на почесна „Златна рамка“ за филмски актер.
Почесните награди ќе им бидат врачени на официјалната церемонија за доделување на „Златна рамка“ која ќе се одржи во сабота, 26 јуни.
Манифестацијата на филмаџиите и на публиката „Златна рамка“ годинава се одржува по трет пат, во период од 25 до 27 јуни во МКЦ и Кинотека.