Податоците што ги објави вчера Министерството за здравство за претходните 24 часа покажуваат дека продолжува трендот со мал број заразени со коронавирусот. Од направени 2.466 тестирања, регистрирани се пет нови случаи на КОВИД-19. Регистрирани се осум оздравени пациенти и едно починато лице во болнички услови. Бројот на активни случаи изнесува 251.
Според епидемиолошки анализи, во Скопје има вкупно 92 активни случаи, Куманово – 34, Тетово – 24, Прилеп – 22, Охрид и Кичево по 16. Без активни случаи се Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Ресен, Берово, Пробиштип, Валандово, Богданци, Демир Капија, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран.
Досега во земјата се направени вкупно 861.692 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.645, бројката на оздравени пациенти е 149.916, на починати е 5.478.
Од Министерството за здравство информираат дека досега во државата вкупно се аплицирани 488.010 дози вакцини, а ревакцинирани се 206.163 граѓани. Со последните бројки, како што велат, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 45 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 38 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Според здравствените власти, за да се постигне колективен имунитет потребно е да се вакцинирани 60 до 70 проценти од населението. Во пресметката не се внесуваат оние 150 илјади граѓани кои го прележале вирусот оти не се знае дали некои од тие се вакцинирани, ниту пак колкав е точно нивниот број.
Здравствените власти во земјава сметаат дека учениците можат да се вратат во училиштата од септември, а за две недели целосно ќе бидат завршени протоколите за новата учебна година. Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека протоколите за учебната година се речиси готови.
Министерот Филипче вели дека одлуката на Бирото за развој на образованието да не се делат сега свидетелства на учениците оти нема услови, не е донесена во координација со Министерството. – Свидетелствата можат да се делат во дворовите. Се што може да се организира надворешни услови, може да се направи, смета Филипче.