Во организација на австриската влада, денеска во Виена се одржува конференција за Западен Балкан, на која учествуваат премиерите во регионот каде главната цел е да се врати регионот високо на агендата на Европската унија.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц ги покани премиерите на Западен Балкан на конференција на која, пред се, ќе разговараат за европската перспектива, но и за борбата против Ковид-19, економската поддршка по кризата и заедничката борба против илегалната миграција.
На конференцијата ќе присуствуваат премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, премиерот на Црна Гора Здравко Кривокапиќ, премиерот на Косово, Албин Курти и претставникот на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак додека од Албанија ќе има претставник на владата.
Во изјавата, Курц истакна дека земјите од Западен Балкан ја имаат целосната поддршка на Австрија на нејзиниот пат кон ЕУ и во борбата против пандемијата.
„За жал, минатата година ЕУ не посвети доволно внимание на процесот на приближување кон овој важен соседен регион“, нагласи тој, додавајќи дека ЕУ е комплетна само кога сите земји од Западен Балкан станат членки на Унијата.
Тој посочи дека на конференцијата ќе се разговара и за заедничката борба против илегалната миграција. Експертите на австриското Министерство за внатрешни работи тргнуваат од премисата дека со намалување на ограничувањата, притисокот на миграцијата врз ЕУ ќе се зголеми.
Од Кабинетот на канцеларот на Австрија тврдат дека околу 80.000 илегални мигранти во моментов се наоѓаат во Грција и Западен Балкан. Во врска со ова, се потсетува на неодамнешната иницијатива на министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, за враќање на мигрантите, кои немаат шанси да останат во ЕУ, од Западен Балкан во нивните земји на потекло.